Ајкула ѝ ја одгриза раката, а таа сега се подготвува за Светско првенство

Бетани Хамилтон е американска сурферка која има 30 години, а повеќе од една деценија живее без една рака. Хамилтон остана без левата рака откако во тинејџерските денови била нападната од ајкула додека сурфала на океанот. И покрај големата трагедија, девојката останала позитивна и решена да продолжи со сурфање.

Бетани сега се обидува преку квалификации да се избори за настап на елитното натпреварување Светска сурфинг-лига која ќе се одржи во 2021 година.

„Тоа што сум без рака ја менува целата ситуација, но и понатаму ја имам желбата да се борам со океанот. Тешко е да се борите против океанот, но се е во колковите и трупот. Раката е само додаток. Јас сум жив доказ дека тоа е така“, вели Бетани, која сега е и мајка на две машки деца.

Хамилтон остана без рака уште во 2003 година, кога имала само 13 години. Додека сурфала на Хаваи, била нападната од ајкула. Неверојатно, но само 26 дена по нападот, тогашната тинејџерка се вратила на штицата за сурфање, а две години подоцна станала и државна шампионка. За нејзиниот живот и подвизи снимен е и филмот „Незапирлива“.

„Помина многу време оттогаш и сега ми е многу полесно. Во животот треба да се радуваме на победите, но некако многу повеќе ги нагласуваме лошите работи“, вели спортската хероина, која вели дека едноставно ужива додека сурфа.

- Оглас -

Најнови вести