Ако реши да игра во Премиер лигата, Меси ќе растура

Одлуката Лионел Меси да си замине од Барселона не можеше, а да не ја искоментира еден од најдобрите играчи во клубот во последните 30-тина години, Ривалдо. Бразилецот цели пет години го носеше дресот на Барселона, во кои одигра 235 меча и даде 130 голови, плус 41 асистенција. Ривалдо е разочаран од тоа на каков начин најдобриот фудбалер во историјата на Барселона треба да си замине од клубот.

„Мислам дека можеше цела оваа работа многу поинаку да заврши. Не смееше да се случи најдобриот играч во историјата на клубот да си замине на ваков начин. Многу ми е жал за тоа што се случи“, вели Ривалдо, кој додаде дека следната дестинација за Меси треба да биде Премиер лигата. „Верувам дека Манчестер сити е идеалниот клуб за Меси. Сигурен сум дека Гвардиола ќе ја базира играта на Лео, а квалитетите на Меси треба да дојдат до израз. Мислам дека ќе блеска во Англија“, додава Ривалдо.

Некогашниот бразилски фудбалер е убеден дека Барселона сепак нема да го пушти Меси за без пари да оди затоа што тоа за клубот ќе биде финансиски дебакл. Тој го потенцираше примерот со Кристијано Роналдо, кој кога си замина од Реал Мадрид, на сметката на Кралскиот клуб „легнаа“ 100 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести