Актуелниот освојувач на Лигата на нациите треба да оди во затвор во Шпанија

Лукас Ернандес се најде во незгодна ситуација и може да оди во затвор во Шпанија за инцидентот од февруари 2017 година, кога беше играч на Атлетико Мадрид и беше приведен поради семејна кавга со сопругата Амелија дела Оса Љоренте.

Тогаш беа приведени и тој и сопругата и добија казна од еден месец општествено корисна работа, но сега Кривичниот суд 32 во Мадрид бара затворска казна за францускиот репрезентативец.

Лукас мора да се појави на судење на 19 октомври и ако не го стори тоа, можно е шпанскиот суд да издаде потерница по него.

Ернандес ја почна кариерата во Шпанија и во 2005 година беше член на Академијата на Рајо Мајадахонда, а потоа се пресели во Атлетико Мадрид во 2007 година и таму остана цели 12 години.

Сега игра за Баерн, а пред четири дена со Франција ја освои шампионската круна во Лигата на нациите. Играше цел меч во финалето што Триколорите го добија со 2:1 токму против Шпанија.

Ернандес беше стандарден член на француската репрезентација која стана светски првак на последниот Мундијал во Русија пред три години.

- Оглас -

Најнови вести