Шкотска за првпат по 28 години ќе биде дел од Светското првенство, а голманот Крег Гордон дочека на 43 години да му се исполни сонот. Гордон е дел од експедицијата на Шкотска на планетарниот собир и е убедливо најстариот фудбалер на овој турнир. Тој сега има шанса да испише и еден посебен подвиг.
Доколку Гордон брани на еден од дуелите во групната фаза против Хаити, Мароко или Бразил, ќе стане вториот најстар фудбалер кој заиграл на едно СП, веднаш зад Египѓанецот Есама ел Хадари, кој на Мундијалот во 2018 година играше на 45 години.
Со вистинска драма се соочувал голманот Гордон, и тоа само на неколку месеци пред да дојде да биде дел од СП. Во март годинава, мислата за играње на Светското првенство беше далеку од умот на Гордон, посебно откако го посети специјалист за ‘рбет за да најде решение за проблемот што го мачеше од почетокот на годината. Разговорот со докторот Усама Џанун беше снимен во епизода од емисијата „Фудбалски икони“ на Би-би-си, каде што Џанун отворено ги опиша ризиците од третманот.
„Можеше да останете парализирани, можеше да умрете…“, рече докторот.
Гордон успешно го помина процесот на лекување и иако минатата сезона не играше за својот клуб Хартс, продолжи да тренира и едноставно како награда дојде повикот од селекторот Стив Кларк за настап на СП. Сега останува да се види дали Гордон ќе добие шанса пред Ангус Ган и Лијам Кели на еден од натпреварите во групата Ц. Доколку тоа се случи, Гордон ќе биде вториот најстар играч во историјата на светските првенства.

