Бабунски: Вардар треба да биде пример за целата држава, потребни се јасна визија и трпение

По освоената титула во домашното првенство, Вардар планира следниот исчекор да го направи на европската сцена. Еден од најискусните во Црвено-црниот тим, Давид Бабунски, смета дека клубот се движи во вистинска насока и дека проектот што се гради во Вардар може значително да придонесе за развојот на македонскиот фудбал.

„Вардар е на пат кој води кон повисоко ниво на професионализам и напредок. Среќен сум што сум дел од ваква средина и од проект кој има јасна визија. Нашата желба е постепено да ја намалуваме разликата во однос на европските клубови и да се доближиме до највисоките стандарди“, вели Бабунски.

Со фудбалска школа стекната во Барселона и многу интернационални клупски предизвици, Бабунски неодамна се израдува на титулата во првенството со Вардар.  Давид потенцира дека во клубот владее победнички менталитет и дека очекувањата не се ограничени само на домашните натпреварувања.

„Во Европа сакаме да се натпреваруваме со истата амбиција со која настапуваме и дома – секогаш да победуваме и да прикажуваме квалитетен фудбал. Шкендија во изминатите години постави одредени стандарди на меѓународната сцена, но Вардар како најтрофеен македонски клуб мора да тежнее кон уште повисоки дострели. Нашата цел е пласман во групна фаза од европските натпреварувања и секојдневно работиме за да ја претвориме таа амбиција во реалност“, изјави Бабунски, потенцирајќи дека Вардар е клуб со долгорочната стратегија и стабилност каква што само може да се посака, посебно на нашите простори.

„Не постојат кратки патишта до успехот. Потребна е јасна визија и трпение. Во моментов чувствувам дека Вардар има раководство кое размислува долгорочно и сака да изгради стабилен и конкурентен клуб за многу години однапред. Затоа е важно да одиме чекор по чекор, но има многу причини за оптимизам дека иднината на клубот ќе биде успешна и стабилна“, вели македонскиот репрезентативец.

Вардарци веќе интензивно тренираат во својата база, а прв предизвик во новата сезона ќе бидат квалификациите во Лигата на шампионите. Противникот за првото квалификациско коло македонскиот првак ќе го дознае на ждрепката што ќе се одржи на 16 јуни.

- Оглас -

Најнови вести