Алегри објасни зошто збесна во финишот на мечот со Удинезе

Јувентус ја продолжи серијата од осум победи по ред во Серија А и тоа сите без да прими ниту еден гол. Старата дама игра перфектно во одбраната, па затоа во офанзивниот дел доволно им е да постигнат еден погодок за да стигнат до посакуваните три бода. Така беше и на дуелот против Удинезе, на кој Данило погоди во 86 минута за 1:0, што на крајот се покажа како конечен резултат.

Пред крајот на мечот, тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри доби жолт картон, а стратегот потоа објасни зошто „збеснал“ и морало да биде санкциониран од судијата.

„Се изнервирав затоа што останаа само уште две минути до крајот и во такви моменти треба да ја земете топката и да ја чувате покрај корнер знаменцето. Наместо тоа, ние направивме фаул и на противникот му подаривме шанса. Тоа се моменти во кои треба многу подобро да ја контролираме топката“, рече Алегри во објаснувањето зошто добил жолт картон во 93 минута.

И покрај оваа реакција на Алегри, Јувентус веќе преку 800 минути е без примен гол во првенството.

„Добро игравме, постојано вршевме пресинг кон напред и така не му дозволивме на противникот да влезе во нашиот казнен простор. Тоа е многу важно. Удинезе е физички и технички одлично подготвен тим и затоа сум задоволен од резултатот“, додава Алегри.

- Оглас -

Најнови вести