Американецот ќе ја активира клаузулата: Ќе има и трет меч меѓу Фјури и Вајлдер !

Тајсон Фјури во спектакуларен дуел го нокаутираше Деонте Вајлдер и го презеде приматот како нов светски боксерски првак. Британецот успеа во седмата рунда до толку да го разниша противникот, што едноставно ги принуди членовите од тимот на Вајлдер да го фрлат пешкирот во рингот и на тој начин да побараат прекин на борбата.

За Вајлдер ова беше прв пораз во кариерата, во која има над 40 победи. Американскиот боксер беше лут што неговите луѓе решија да ја прекинат борбата, иако факт беше дека Фјури доминираше во рингот откако неколку пати претходно го прати противникот на подот.

Ова беше втор меч меѓу овие два боксери, откако првиот дуел во декември 2018 година заврши нерешено. Сега може да очекуваме за неколку месеци повторно да има и трето шоу во рингот со овие двајца боксери. Во договорот пред вториот меч стои клаузула во која Вајлдер може да добие шанса за нов меч.

„Со сигурност можам да ви кажам дека ќе има нов меч“, рече Вајлдер.

Според првичните најави, реваншот меѓу Вајлдер и Фјури може да се очекува некаде во летниот период, но засега нема договорено точен датум за ново боксерско возбудување меѓу двајцата одлични боксери. Саботниот дуел го надмина рекордот по заработувачка од влезници кои траеше цели 23 години од легендарниот меч меѓу Мајк Тајсон и Ивандер Холифилд.

Новиот шампион Фјури своето име Тајсон го добил токму по Челичниот Мајк, а неверојатно е колку тешко детство имал Британецот кој сега е на светскиот боксерски трон.

- Оглас -

Најнови вести