Како бебето родено само половина килограм стана светски боксерски првак?

Тајсон Фјури е човекот кој го одбележа светскиот спорт изминатиов викенд. Британскиот боксер успеа да го сруши митот за непобедливоста на Деонте Вајлдер и на тој начин стигна до светската титула во ВБЦ-верзијата. Фјури не само што е првиот боксер кој по 43 борби успеа да го победи Вајлдер туку Британецот со победата ја задржа својата непобедлива низа во професионалниот бокс.

Популарниот Цигански крал, како што сака да се нарекува Фјури, во седмата рунда му ги зададе фаталните удари на Вајлдер, поради кои луѓето од аголот на Американецот решија да го фрлаш пешкирот во рингот и на тој начин да покажат дека се предаваат, а Фјури да го започне победничкото славење, и тоа како нов сопственик на шампионскиот појас.

УШТЕ ОД ПРВАТА СЕКУНДА КОГА ПРИСТИГНАЛ НА ОВОЈ СВЕТ ЗАПОЧНАЛА НЕГОВАТА ГОЛЕМА БОРБА

Неверојатна е животната приказна на Тајсон Фјури, кој инаку потекнува од боксерско семејство. Роден е во Манчестер на 12 август 1988 година, во ирското семејство на таткото Џон и мајката Амбер.

Уште со раѓањето, започнува големата борба за Тајсон Фјури. Тој е роден три месеци предвреме и тежел само половина килограм. Таквите родени бебиња се многу критични, а докторите најавиле дека мали се шансите да преживее. Сепак, бебето покажало дека уште тогаш е голем борец и успеало да преживее.

Токму затоа, таткото Џон решил бебето кое покажало голема желба и способност да се избори за преживување, да се вика Тајсон по легендарниот боксерски првак Мајк Тајсон.

ГО НАПУШТИЛ УЧИЛИШТЕТО НА 11 ГОДИНИ

Во семејството на Фјури, покрај Тајсон, имало уште три деца. Мајка му Амбер вкупно 14 пати останувала бремена, но само четири пати успеала да роди живи и здрави деца. Едноставно, во семејството Фјури секогаш се работело за преживување.

Кога имал 10 години, Тајсон започнал да тренира бокс, а веќе една година подоцна решил да го напушти училиштето. Детето решило да му помага на татко му и тројцата браќа кои работеле како градежни работници на патишта.

Детето кое решило да не оди во училиште, комплетно се посветило на боксот, спорт кој го засакал поради неговиот татко. Џон бил боксер кој во професионалната кариера на 13 меча имал осум победи, четири нерешени и само еден пораз. Загубил од Хенри Акинванде, кој беше ВБО светски првак. Прекраот на таткото Џон бил „Циган“, па токму затоа и Тајсон реши неговиот прекар да му биде Цигански крал.

БИЛ ПРОЦЕНЕТ КАКО ТРЕТ НАЈДОБАР ТАЛЕНТ ВО СВЕТОТ, НО НЕ ДОБИЛ ШАНСА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ЛОИ 2008

Како боксер-аматер, Тајсон ги претставувал Ирска и Англија. Во 2006 година освоил бронзен медал на АИБА, Светскиот боксерски шампионат за млади. Една година подоцна освоил сребро на Европското јуниорско првенство, кога во финалето загубил од Максим Бабанин.

Во тој момент бил рангиран како третиот најталентиран млад боксер, зад Бабанин и Андреј Волков, но не бил избран да ја претставува Велика Британија на ЛОИ 2008 година затоа што Британеците го одбрале Давид Прајс.

Неколку месеци подоцна Фјури станува АБА-шампион во супертешка категорија и решава да помине во професионалци.

НЕ СЕ НАЈДЕ ЈУНАК КАЈ ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ ШТО МОЖЕ ДА ГО ПОБЕДИ

Првата професионална борба му беше на 6 ноември 2008 година против унгарскиот боксер Бела Џонгоши, а го победи со ноакут во првата рунда. Потоа во наредните седум месеци имаше уште шест борби и сите ги доби убедливо со нокаути. Ниту еден од противниците не издржа повеќе од четири рунди.

На 11 септември 2009 година боксуваше против Џон Мекдермот за титулата англиски првак во тешка категорија, а Фјури победи на поени, иако противникот бил како фаворит пред мечот. Од ден на ден, од меч на меч, Фјури станувал сè подобар, а противниците во рингот беа немоќни да ги сопрат неговите налети.

СВЕТСКАТА СЛАВА ЈА НАЈАВИ СО ПОБЕДАТА НАД КЛИЧКО

Иако Фјури беше познат во боксерскиот свет, првата кулминација ја доживеа на 28 ноември во 2015 година. Целиот свој квалитет и талент Британецот ги покажа кога влезе во рингот со легендарниот Владимир Кличко.

Украинецот беше доминантен боксер и речиси 10 години на врвот во светскиот бокс и во дуелот против Фјури важеше за голем фаворит. Шансите за победа на Фјури се пресметуваа со коефициент 4, но Британецот беше уверен во своите можности.

Борбата беше долга и исцрпувачка, но ниту еден двајцата боксери не сакаше премногу да ризикува. Сепак, Фјури беше поактивен, повеќе напаѓаше и на крајот, судиите немаа дилеми. Со едногласна одлука (3:0) Фјури го победи Кличко, што за многумина беше големо изненадување. На тој меч Фјури упати 371 удар кон Клично од кои 86 беа прецизни, а Украинецот успеа 52 пати да го погоди противникот од 231 зададен удар.

ДРОГА, АЛКОХОЛ, ДЕПРЕСИЈА…

По неочекуваната победа над Кличко, во брзо време се очекуваше да има реванш. Првично Фјури прифати повторно да се бори со Кличко, но тој реванш никогаш не се случи. Беше закажано реваншот да биде на 9 јули 2016 година во Манчестер, родниот град на Фјури.

Сепак, неполн месец до борбата, Фјури се откажа затоа што се здобил повреда. Мечот требаше да се одложи за подоцна, но Фјури во тие денови беше под истрага и за користење недозволени средства. Беше тестиран како позитивен за користење кокаин.

Едноставно, по победата над Кличко и освојувањето на светските титули, Фјури психички се сруши. Признава дека бил постојано на дрога, дека алкохолот бил негов добар пријател, а потоа западнал во тешка депресија, па му беше одземена и боксерската лиценца.

ДУЕЛИТЕ СО ВАЈЛДЕР ГО ВРАТИЈА НА ТРОНОТ

На почетокот на 2018 година, Фјури реши повторно да се врати на боксот. Неговиот промотер успеа да закаже борба против Деонте Вајлдер. Во декември 2018 година двајцата имаа историска борба, која по 12 рунди заврши без победник. Фјури двапати беше на подот, но успеваше да стане, а на крајот тројцата судии немаа конечен победник. Фјури и Вајлдер добија по еден поен, а третиот судија одлучи дека е нерешено.

По повеќе од 14 месеци чекање, Фјури и Вајлдер викендов повторно влегоа во рингот, а на крајот Фјури заврши со шампионскиот појас.

Бебето кое беше родено само половина килограм, сега има над 120 килограми и е светски првак кој никој не успеал да го победи во професионалниот бокс.

- Оглас -

Најнови вести