Анчелоти: „Би сакал да сум мува и да слушнам што зборуваат фудбалерите“

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, беше гостин во поткастот на комичарот Џакомо Порети и даде интересна изјава во врска со фудбалерите.

„Понекогаш чувствувам дека не сме доволно ценети. Би сакал да бидам мува на ѕидот и да слушам што вели фудбалер кога не игра. Многумина играчи имаа проблеми со мене, но на крајот сè беше решено. Имаше еден фудбалер, нема да го кажам неговото име, кога ќе зборував во соблекувалната, ставаше крпа на главата за да не ме слуша. Беше рано во неговата кариера. Еден ден му реков: ‘не може да продолжиме вака’. Има фудбалери кои кога ќе ги оставите на клупа, следното утро не ве поздравуваат“, рече Анчелоти.

Италијанецот е меѓу повозрасните тренери кои сè уште работат на врвно ниво, па едно од прашањата беше и тоа како успева да ги следи модерните трендови во фудбалот.

„Сега е многу покомплицирано за разлика од минатото. Порано имав парче хартија на кое запишував: кој игра одбрана, кој изведува корнери, кој шутира пенали, кој да ја удри топката со глава… и тоа беше тоа. Сега има клипови кои ги прикажуваат позициите на фудбалерите и во одбрана и во напад и уште многу други работи“, додава тренерот на Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести