Реал Мадрид ја сочува челната позиција во шпанското првенство откако одигра 1:1 на „Сантијаго Бернабеу“ против градскиот ривал Атлетико. Tренерот на Кралскиот клуб, Карло Анчелоти посебно ја потенцира играта на неговите избраници во второто полувреме, кога Реал и израмни на 1:1, а потоа имаше и многу шанси за комплетен пресврт, но гостите се одбранија.
„Заслуживме повеќе од реми, посебно со играта во второто полувреме. Постигнавме гол и се вративме во игра. Многу добро одигравме во вториот дел, само Облак и среќата го спасија Атлетико да не загуби. Среќни сме, затоа што и понатаму сме на лидерската позиција“, беше првата реакција на Анчелоти, кој има лош биланс од само две победи во 12 лигашки пресметки со Атлетико Мадрид.
Италијанскиот стратег не сакаше да коментира за пеналот по кој Атлетико поведе со 1:0.
„Дали имаше пенал? Немојте да ме прашувате за судијата, не сакам да зборувам за тоа“, рече Анчелоти, кој имаше многу емотивна реакција кога виде дека Атлетико доби пенал.
Реал Мадрид веќе мора да почне да мисли за дуелот против Манчестер сити во нокаут пресметката во Лигата на шампиони.
„Треба да видиме како ќе оди закрепнувањето на фудбалерите кои беа стартери против Атлетико Мадрид, а потоа ќе размислувам за составот против Манчестер сити“, додаде тренерот на шпанскиот првак.