Анчелоти при враќањето во Реал: Речиси ништо не се сменило шест години, освен човекот на клупата

Карло Анчелоти при својата официјална презентација како старо-нов тренер на Реал Мадрид на шеговит начин го најави своето враќање по шест години пауза на „Сантијаго Бернабеу“. Италијанскиот стратег кој ја донесе 10-тата титула во ЛШ на Кралевите, ќе работи како тренер на првиот тим во наредните три години по потпишаниот договор, а до вчера беше кормилар на Евертон.

„Тука речиси ништо не се сменило за разлика од тоа каква беше ситуацијата пред шест години. Гледам доста познати лица меѓу новинарите, се чини дека единствена промена е што клубот доведува нови тренери“, ги насмеа Анчелоти присутните медиуми при видеопрес-конференцијата.

Шеесет и едногодишниот стратег воедно вети дека под негово водство тимот ќе игра напаѓачки и атрактивен фудбал, како и тоа дека уште во првата сезона ќе атакува на сите фронта.

Околу иднината на капитенот Серхио Рамос, Анчелоти не можеше да открие многу детали бидејќи сè уште нема разговарано со искусниот стопер, но негова желба е да има што повеќе врвни фудбалери на располагање. Рамос е член на Реал до 30 јуни, а потоа ќе биде слободен играч доколку не се најде заеднички јазик со управата околу продолжувањето на неговиот договор.

- Оглас -

Најнови вести