Ангеловски: Една лошо исфрлена топка нѐ чинеше пораз

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за ЕП 2020. Нашите фудбалери не беа надиграни, но на крајот поразени го напуштија стадионот во Скопје, во дуелот со Полска.

„Една лошо исфрлена топка нѐ чинеше пораз. Статистички, Полска даде гол од еден удар во рамките на голот. Играчки Македонија покажа дека може да се носи со фаворити. Истиот пристап ќе биде и со Австрија. Се надевам дека нема да правиме вакви индивидуални грешки. Аплаузот од 25.000 гледачи кажува сѐ. Доминиравме во посед на топка, во точни додавања, но моравме да реагираме подобро во неколку ситуации. Имавме три стооостотни шанси и кога нема да дадеш гол не може да очекуваш победа“, вели Ангеловски.

Селекторот објасни зошто Македонија морала во вториот дел да напаѓа најчесто со нафрлени топки.

„Не беа советите да играме на нафрлени топки, но таква беше играта. Полска се повлече во својот шеснаесетник и остана простор по страничниот дел. Имавме одлична шанса кога шутот на Несторовски го одбрани Фабионски, а од одбиената топка Алиоски не погоди. Оваа игра требаше да биде наградена барем со еден освоен бод против првиот фаворит во нашата група. Сепак не треба да паѓаме во депресија, туку треба добро да се подготвиме за следниот меч со Австрија. Ги видовме и другите резултати во групата и се потврди дека секој може секого да победи“,  констатира Ангеловски.

Следниот меч Македонија ќе го игра в понеделник, повторно во Скопје, а противник е Австрија, која вечерва стигна до првите три бода, откако минимално со 1:0 ја победи Словенија.

- Оглас -

Најнови вести