Растодер и Тун вечер може да освојат титула и да ја комплетираат фудбалската бајка

Чудото што го направи Лестер во Премиер лигата во сезоната 2015/16 ќе биде тешко да се повтори, но фудбалска бајка од слични размери се пишува во Швајцарија. ФК Тун за кој игра македонскиот напаѓач Елмин Растодер, на работ е да освои историска шампионска титула и тоа една година откако од втора влезе во прва лига.

На пет кола до крајот на првенството, Тун има 14 бода предност во однос на првопласираниот Сент Гален, што значи дека победа во вечерашниот натпревар против Лугано на Езџан Алиоски, математички би ја обезбедил титулата. Ако биде нерешено, тогаш Тун утре може да стане првак, доколку Сент Гален не го победи Јанг Бојс.

Нашиот Растодер е прв стрелец на тимот и има огромен придонес во успехот.

Во својата 127-годишна историја, Тун освои само два трофеи, и двата како шампиони на втората лига. Никогаш не успеале да освојат голем трофеј, дури ни куп, иако двапати играле во финалето, а витрината со трофеи наменета за националното првенство им е празна. Најблиску до титулата беа во 2005 година, кога завршија втори, десет бода зад шампионот Базел.

Таа сезона од 2005 година остана врежана со златни букви во историјата на клубот, бидејќи му донесе на Тун место и во Лигата на шампионите. Тоа беше прв и единствен пат клуб од град со 45.000 жители да игра во групната фаза од најелитното европско натпреварување. Андреас Гербер, играч од средниот ред од познатата генерација од 2005 година, сега е претседател и спортски директор.

Откако лани станаа шампиони на втора лига и влегоа во првата дивизија, целта беше јасна: да се избегне испаѓање. Со буџет од само 2 милиони евра, никој не очекуваше да се бори за првото место, но во градот во подножјето на Алпите сега се спремаат за прослава на првата титула.

- Оглас -

Најнови вести