Ангеловски: Горан заслужи да му се честита јубилејот со победа

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски е задоволен од победата над Летонија, но потенцираше дека уште е рано и дека не смее да има еуфорија.

„Тоа што го најавивме, го остваривме, дојдовме до победа и три бода. Го контролиравме мечот, создадовме доволен број шанси. Мораше порано да го решиме прашањето околу победникот, но на крајот кога сè ќе се собере, мора да сме задоволни. Не смее да не фати еуфорија, има уште многу да се игра. Мора да ја подобриме реализацијата, бидејќи против подобрите селекции нема да создаваме толку шанси“, беше првата реакција на Ангеловски.

Популарниот Мрме не заборави да потсети дека оваа победа е посветена и на капитенот Горан Пандев, кој на овој меч прослави јубилеен 100-ти настап во националниот тим. Пофалби доби и Елиф Елмас, кој влезе како резерва и даде два гола.

„Горан заслужи да му се честита со една победа. Среќен сум што работам со таков човек и капитен, им посакувам на многу фудбалери да стигнат до оваа бројка. Елиф покажа каков квалитет поседува. Среќен сум што му го честита јубилејот на батко Горан, како што тој го вика капитенот“, додава селекторот.

Македонија веќе в недела игра на гости кај Словенија, а Анегловски најави голема борба за нови бодови.

„Да ги поканам иселениците да дојдат во Љубљана, ние ќе им возвратиме со една беспоштедна борба“, заврши Ангеловски на прес-конференцијата по победата над Летонија.

- Оглас -

Најнови вести