Ангеловски и Манасков пред дуелот со ПСЖ: Подобар тајминг за ваков меч не можеше да имаме

Во Еурофарм Пелистер одвај го чекаат утрешниот натпревар против силниот состав на Пари Сен Жермен и веруваат дека засилени со Дејан Манасков може да му направат проблеми на фаворитот чиј тренер е Раул Гонзалес, а во тимот се браќата Карабатиќ, Пранди, Соле, голманот Паличка, Стеинс и други ѕвезди.

„Помина доста време откако не сум на ракометните терени и едвај чекам да почне мечот. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми што повторно ќе играм во ЛШ по една година пауза. Доволно сме спремни, имаме моментум по победата над Вардар. ПСЖ е во топ 4 екипи, имаат изграден систем, би им ја препуштиле фаворитската улга, но одиме без респект, нема лесно да ја продадеме кожата. Свежината е на наша страна, тие се уморни од Европското првенство“, вели Манасков.

Тренерот Бранислав Ангеловски смета дека утре ќе биде празник на ракометот.

„Ни доаѓа една од најсилните екипи. Не можеше да имаме подобар тајминг од соочување со нив, по освоено ЕП и по наша победа во дерби над Вардар, искрено драго ми е што ќе дојде Карабатиќ. ПСЖ е еден од фаворитите за освојување на ЛШ, ќе пробаат да играат на фајналфорот, а таму сите тимови имаат шанси. Ќе ми биде задоволство да се надигруваме со такви величини. Знам дека салата ќе биде преполна, ова ме потсетува на деновите од минатото, ја чувствуваме енергијата од навивачите, пораките и коментарите кои ги добиваме се импулс за наши победи“, вели Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести