Ангеловски: Клучни беа нереализираната шанса на Николов и вториот гол на Австрија

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, рече дека неговиот тим имал добри и лоши моменти, а како клучни ги наведе утката на Бобан Николов, кога можевме да поведеме 2-1, и примениот гол за 1-2.

„Имаше сегменти каде што игравме добро, но имаше и грешки кои не се дозволиви за ваков ранг на натпреварување. Главата горе, имаме уште два меча, од утре почнуваме да се подготвуваме за дуелот со Украина. Горд сум на играчите, на моменти функциониравме добро, имавме контрола на топката и кога се кршеше резултатот, клучна беше шансата на Николов за 2-1. Мора добро да се подготвиме и да не ги повториме грешките. Се надевам дека на навивачите ќе им возвратиме со позитивни резултати. Судбината сакаше Горан да го даде историскиот гол, среќен сум за него, но кога ќе загубите натпревар, треба да се види каде сме грешеле“, изјави Ангеловски.

Елиф Елмас рече дека ова е лекција од која треба да се извлечат поуки.

„Одигравме добро прво полувреме. Почувствувавме колку голем настан е Европското првенство, ова е лекција која треба да се научи. Но ништо не е загубено, се надевам на позитивни резултати на следните два меча. Австријците играа брзо, лесно стигнуваа до нашиот гол и на следните мечеви ќе треба да излеземе со уште поголема самодоверба. Треба да гледаме само напред и позитивно“, рече Елмас.

 

- Оглас -

Најнови вести