Поранешниот капитен на Реал Мадрид, Карим Бензема, му се восхитува на ПСЖ предводен од Луис Енрике и ја спореди ситуацијата со онаа на „Бернабеу“, каде што Кралевите и втора сезона останаа без трофеј.
„Кај ПСЖ е одлично тоа што кога стартерите играат, тимот функционира добро, игра добро… Но, потоа тренерот прави измени во 60-тата или во 70-тата минута и тие што влегуваат во игра придонесуваат дури и повеќе од оние што го започнале натпреварот. Секој знае што треба да прави. Стартерот го знае тоа, резервата исто така. А оној на клупата не се лути“, изјави поранешниот француски репрезентативец.
„Во Реал Мадрид е покомплицирано бидејќи тие не играат толку многу како тим. ПСЖ не е само збир од ѕвезди, со исклучок на Усман Дембеле, добитникот на Златната топка. Но, тие играат, се бранат, напаѓаат, трчаат…“, додаде Бензема.
„Најважниот човек во ПСЖ е Луис Енрике. Но, тоа е вистински тим. Кого и да го ставите во напад, сите работат заедно, а резервите играат исто толку добро. Затоа се толку добри“, истакна тој.
И покрај тоа што има 38 години, Бензема ја остави отворена можноста за евентуално враќање во француската репрезентација, кога Зинедин Зидан ќе ја преземе селекцијата по Светско првенство 2026. „Ако продолжам да играм добро и да бидам во форма, никогаш не се знае. Дали има место… Во секој случај, правам сè за да останам во форма“, изјави напаѓачот на Ал-Хилал.

