Тренерот на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, кој не е многу популарен кај Чкембарите, со освоениот прв бод во Лигата на шампионите, се спаси од уште поголем притисок врз него.
Битолчани имаа огромен пад во играта во напад и беа на прагот на пораз, но чудесно се спасија со три гола во последните 80-тина секунди од мечот со Спортинг Лисабон и ја прекинаа црната серија од 17 порази по ред во ЛШ.
„Освоивме бод голем како куќа. Конечно тргнавме едно бреме, го тргнавме притисокот кој се рефлектираше на нашата игра и резултати. Морам да им се заблагодарам на моите борци кои веруваа до крај во позитивен резултат. Игравме против силен тим, Спортинг во последните 20 меча има 18 победи, еден пораз од Барса, и сега реми со нас“, изјави Ангеловски.