Женската фудбалска репрезентација на Македонија доживеа уште еден убедлив пораз од Унгарија, овој пат со 7-0 на гостински терен. Унгарките за само дена славеа двапати над нашите фудбалерки, постигнаа 12 гола, а избраничките на селекторот Александар Андов не упатија ниту еден удар во рамки на противничкиот гол за 180 минути.
Слично како и пред четири дена во Битола, мечот од квалификациите за пласман на Светското првенство против Унгарија беше решен уште во првото полувреме. Мајер во 21-вата минута погоди за 1-0, а Панева во 35-тата минута си постигна автогол.
Во второто полувреме Унгарките уште петпати ја затресоа мрежата на Панчурова. Серијата голови ја отвори Папаи во 47-мата, ја продолжи Мајер во 51-вата, а „петарда“ пукна Кајан во 68-мата минута.
Последните два гола за Унгарија беа постигнати во финишот од мечот, кога Наѓи во 88-мата и Савања во 94-тата минута стрелаа прецизно во мрежата на Македонија.
Нашата репрезентација останува на третата позиција во групата со само три бода. Пред нас се Унгарија со 10 и Азербејџан со девет, додека последна е Андора со еден бод.

