Ансу Фати со порака до сите кои ја отпишаа Барселона

По неколку слаби резултати, Барселона вчера конечно повторно победи, и тоа убедливо со 3:0 против Леванте. Уште во првото полувреме домаќините на „Камп ноу“ постигнаа два гола, а третиот беше дело на младиот Ансу Фати, кој се врати на теренот по пауза од 323 дена.

Фати беше повреден, но и покрај тоа што речиси една година го немаше на теренот, од клубот не го заборавија, па кога Лионел Меси си замина, решено беше дресот со бројот 10 да му се даде тому на талентираниот тинејџер. Во стил на вистински лидер, Фати за неполни две минути откако влезе на теренот, успеа да постигне и погодок, а по средбата порача дека Барселона и оваа сезона ќе се бори за освојување на трофеи.

„Сакаме да се бориме за титулите во првенството и во Лигата на шампиони. Ние сме Барселона и должни сме да го направиме тоа. За мене е голема чест да го носам дресот со бројот кој претходно му припаѓаше на Меси. Јас сум само еден обичен фудбалер, дел од тимот. Секогаш кога клубот има потреба од мене, јас сум тука да го дадам најдоброто што го можам. Јасно е дека ми треба уште време за да влезам во посакуваниот ритам, но мило ми е што се вратив на теренот со погодок“, рече Фати.

 

- Оглас -

Најнови вести