Скандал на повидок: Поранешниот спортски директор на Милан и на Лацио уапсен поради „перење пари“

Поранешниот спортски директор на Милан и Лацио, Игли Таре, е под официјална истрага од страна на албанските судски власти поради сомнение за перење пари и корупција. Според угледниот „Ла Газета дело спорт“, 52-годишниот Албанец се нашол во центарот на истрага во која е вклучена и поранешната вицепремиерка на Албанија, Белинда Балука. Според италијанскиот весник, предмет на истрагата е луксузна вила лоцирана на брегот на Јонското Море во едно од најпознатите туристички одморалишта во Албанија.

Истражителите се сомневаат дека имотот бил користен како дел од корупциска шема поврзана со профитабилен договор за воздушен транспорт. Вилата наводно била наменета да претставува еден вид поткуп за поранешен висок државен функционер во замена за услуги при доделување важен договор.

За да се прикрие вистинското сопствеништво и протокот на пари, имотот, според сомневањата на обвинителството, бил регистриран на име на Игли Таре. Истражителите веруваат дека за оваа цел бил користен фиктивен договор за закуп склучен со државен службеник.

Случајот привлече големо внимание од јавноста во Албанија и Италија, каде што Таре изгради име како еден од најпознатите спортски директори. Поранешниот албански репрезентативец помина повеќе од една деценија како спортски директор на Лацио, каде што стекна репутација за бројни успешни трансфери. По напуштањето на римскиот клуб, неговото име често се поврзуваше со водечки европски тимови.

Тој беше особено споменуван во последните месеци во контекст на Милан, каде што беше еден од кандидатите за важна позиција во спортскиот сектор.

Според информации од Италија, Таре веќе е испрашуван како дел од истрагата. Се тврди дека поминал речиси шест часа во обвинителството одговарајќи на прашања од истражителите. По испрашувањето, тој ја напуштил зградата без да зборува со медиумите. Сè уште не е познато дали против него ќе биде поднесено официјално обвинение или истрагата ќе биде проширена за да вклучи дополнителни лица.

Албанските медиуми објавуваат дека ова е еден од најзначајните случаи на корупција што моментално се водат во таа земја. Од друга страна, Таре сè уште не дал јавна изјава во врска со обвинувањата против него.

Да потсетиме дека поранешниот напаѓач ги носел дресовите на неколку италијански клубови во текот на својата играчка кариера, а својот најголем белег го оставил токму во Лацио. По завршувањето на играчката кариера, тој успешно се преселил во официјалните редови и со години бил еден од највлијателните луѓе во италијанскиот фудбал. Дали истрагата ќе резултира со обвинение или дали Таре ќе може да ја докаже својата невиност, останува да се види во наредните месеци.

- Оглас -

Најнови вести