Тренерот на Реал Мадрид Алваро Арбелоа ја повтори пораката на Флорентино Перез од прес-конференцијата во врска со анти-мадридското расположение во шпанскиот фудбал, особено тоа што е поврзано во врска со случајот Негреиро.
„Седум украдени титули во лигата? Секако. Ако Реал Мадрид го допре дното, што направија другите?“ беа некои од одговорите на тренерот на прес-конференцијата која беше оддржана во пресрет на дуелот против Овиедо, кој ќе се игра утревечер на „Сантијаго Бернабеу“. Арбелоа побара поддршка од навивачите, иако е јасно дека Реал оваа сезона нема да освои ниту една титула.
„Секогаш велев дека Реал Мадрид е посилен кога сме заедно. Тоа беше случај низ целата наша историја и во големите ноќи. Во тешки времиња мора да стоиме заедно како семејство. Секогаш се враќаме. Притисокот е многу голем. Поразот боли, многу, повеќе отколку во кој било друг клуб. Сметам на поддршката од навивачите“, рече стратегот на Реал.
Претседателот на Реал, Флорентино Перес вчера ја разжешти атмосферата кога обвини дека Кралевите биле оштетени за дури седум титули во шпанското првенство.
„Не сум тука да коментирам за прес-конференцијата на претседателот. Секој навивач на Реал Мадрид кој го слушаше претседателот вчера се согласува дека тој треба да ги брани интересите на членовите на клубот и се согласува дека клубот е третиран поинаку од другите клубови низ целиот свет. Сите знаеме што се случувало 20 години. Сигурно има работи што не ги знаеме. Не е легално, ниту пак има смисла за оние од нас вклучени во ова натпреварување. Се чини неверојатно што само Реал Мадрид сака да ја брани легалноста во фудбалот. Тоа е чувство што го делат сите навивачи на Мадрид.“
Арбелоа додаде дека лошиот третман што го добива Реал во шпанското првенство има влијание за тоа што клубот две години завршува без ниту една титула.
„Двојните стандарди отсекогаш биле присутни. Не можеме да негираме дека поминавме две години без титула. Колку тимови траеле подолго? Колку тимови ги освоиле Европските купови што ние ги освоивме во последните години? Не мислам дека навивачите се глупави. Она што ги боли е секојдневното малтретирање од многу луѓе“, додаде Арбеола, кој додаде дека не знае каква ќе биде неговата иднина во Реал Мадрид.

