Арбитарот кој посведочи на македонската сензација во Дуисбург, ќе ја дели правдата во Суперкупот на УЕФА

Сергеј Карасев ќе ја дели правдата во утрешниот меч меѓу Челзи и Вилјареал во европскиот Суперкуп, одреди УЕФА.

Рускиот арбитар е добро познат на македонската фудбалска јавност, бидејќи беше главен судија во сензационалниот триумф на Рисовите против големата Германија среде Дуисбург со 2-1 во март годинава, во рамките од мундијалските квалификации за Катар 2022.

Токму со Македонија Карасев дебитираше на меѓународната сцена, првпат судеше во квалификации за СП 2014 кога нашиот национален состав ремизираше (1-1) со Шкотска во септември 2012 година.

Инаку, рускиот арбитар еднаш ја делел правдата во меч на Челзи, во март 2013 година кога Сините загубија од Стеауа во првата нокаут рунда во Лигата на Европа, натпреварување кое подоцна тимот од Лондон го освои.

Натпреварот за апсолутниот европски владетел со клупскиот фудбал е закажан за утре во 21 часот и ќе се игра на „Виндсор парк“ стадионот во Белфаст.

- Оглас -

Најнови вести