Арената денес ќе згрми за европските Рисови

Македонската фудбалска репрезентација по пауза од два месеци ќе истрча на тревата на Националната арена „Тодор Проески“ за пријателскиот дуел против Словенија, кој на Рисовите ќе им послужи како загревање во пресрет на историскиот прв настап на Европското првенство.

По повеќе од една година, избраниците на Игор Ангеловски нема да играат пред празни трибини, туку ќе имаат ветар во грб и како учесници на ЕП ќе бидат бодрени од делумно исполнетиот стадион во Скопје. Околу 30% од капацитетот на Националната арена ќе биде исполнет за оваа средба, или околу 10.000 грла ќе грмат за Ангеловски и неговите пулени, што на репрезентативците ќе им даде дополнителен мотив во добро светло да се покажат пред својата публика и да најават дека во Букурешт и Амстердам може да направат чуда.

Ова ќе биде петти дуел против Словенците, односно трет пријателски меч. Досега Македонија двапати била подобра со 3-2 во контролка и 2-1 во квалификациите за ЕП. Словенија исто така триумфираше во пријателска средба со 1-0, додека во евроквалификациите Барди не дозволи пораз во Љубљана, односно избори реми од 1-1.

Рисовите ќе го дочекаат дуелот со подобра форма од три победи и два порази во последните пет меча, Словенија има победа помалку, односно едно реми и два загубени натпревари од Русија и Кипар.

Освен Енис Барди, кој е заразен со ковид-19 и полека закрепнува, од вчера на нашиот состав му се приклучи и првиот голман Столе Димитриевски, што значи дека Ангеловски располага речиси со сите играчи кои ги планира за Европското првенство.

Натпреварот Македонија – Словенија стартува во 18 часот.

- Оглас -

Најнови вести