Аргентина или Шпанија, коефициентите покажуваат кој е фаворит за светската круна

По две недели возбудувања, конечно дојде кулминација на Светското првенство во кошарка. Шпанија и Аргентина се репрезентациите кои попладнево од 14 часот ќе играат во финалето на Мундобаскетот во Кина. Можеби помалку неочекувано, но сепак сосема заслужено финале.

И Шпанија и Аргентина имаат перфектен биланс, односно седум победи во седум меча на турнирот, па речиси со еднакви шанси може да се надеваат на освојување на трофејот.

ШПАНИЈА ИМА ШЕСТ ПОБЕДИ СО 12 ИЛИ ПОМАЛКУ РАЗЛИКА

Црвената Фурија покажа дека е психички можеби и најстабилната селекција. На шест од седумте средби, Шпанија победуваше со разлика до 12 поени. Тоа само покажува дека во ниту еден момент не се форсираше да се „билда“ позитива, туку едноставно ја имаа контролата на резултатот и на крајот стигнуваа до победите.

Дури и Србија ја победија со 10 поени, а најтешко им беше во полуфиналето кога дури по две продолженија славеа над Австралија. На овој меч, Шпанија во поголем дел беше во негатива, но на крајот тие се радуваа.

Марк Гасол и Рики Рубио се главните играчи во тимот. Гасол одигра одлично полуфинале, кога даде 33 поени и покажа што значи искуство во овие мечеви. Рубио е партнерот на Гасол во нападот. Против Австралија имаше 19 поени и 12 асистенции. Ако овие двајца се разиграат тешко му е на секој ривал да победи.

ЛУИС СКОЛА СО ЗЛАТНА КРУНА ДА СТАВИ КРАЈ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВНАТА КАРИЕРА

Ако Шпанија го имаат 34-годишниот Гасол, главен адут на Аргентина е речиси 40-годишниот Луис Скола. Неверојатниот ветеран е незадржлив и вистински лидер на Гаучосите. Аргентина досега покажа најконстантна игра на првенството. Во четвртфиналето ја елиминираа Србија, а во полуфиналето ја сопреа Франција на само 66 поени.

ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ГО ЧЕКААТ ВТОРОТО ЗЛАТО

Аргентина е првиот освојувач на СП во 1950 година на свој терен имаше шест победи во шест меча. Од освојувањето на тоа злато, најблиску до планетарниот трон беа во 2002 година, кога играа финале, но беа поразени од Југославија.

Шпанија беше светски шампион во 2006 година. Во финалето ја растурија Грација со 70:47, а Пау Гасол беше МВП на турнирот. Ако сега Шпанија е шампион, тогаш сигурно МВП ќе биде братот на Пау, Марк Гасол.

Ако се гледа традицијата на меѓусебни дуели, Шпанија е голем фаворит. Црвената фурија победила на девет од последните 10 меѓусебни средби. Сепак, овој меч е посебен, ова е финале, мотивот е неверојатен на двете страни и може да решава моментална инспирација.

 

- Оглас -

Најнови вести