Аргентина има подобри тренери отколку фудбалери

В недела на „Маракана“ во Рио нема да игра Аргентина, но во финалето на Копа Америка сепак ќе има еден Аргентинец, а тоа е селекторот на Перу, Рикардо Гарека.

Податокот дека ова ќе биде шесто финале по ред на Копа на кое ќе има барем еден селектор кој е Аргентинец покажува дека стручњаците од земјата на Гаучосите се поуспешни отколку националниот тим. Фудбалерите на Аргентина од 1993 година немаат титула на Копа Америка, а од 2004 наваму, во сите финалиња има по еден селектор Аргентинец.

Низата ја почна Марсело Бјелса, кој во 2004 година како селектор на Аргентина дојде до финалето и загуби на пенали од Бразил. Три години подоцна, Алфио Басиле ја доведе својата земја до финале и повторно Бразил беше подобар, тогаш со 3-0. Во 2011 година, Херардо Тата Мартино со Парагвај дојде до финалето и загуби од Уругвај со 0-3.

Во 2015 година, во финалето се надмудруваа двајца Аргентинци. Мартино како селектор на Аргентина и Хорхе Сампаоли на чело на Чиле. Чиле славеше на пенали, а тоа се случи и една година подоцна, но тогаш селектор на Чиле беше Пици. Сега во 2019, Гарека е аргентинскиот претставник во финалето, а неговиот Перу ќе биде аутсајдер против Бразил. Перу лани играше на СП по пауза од 36 години, а сега по 44 години повторно е финалист на Копа Америка.

- Оглас -

Најнови вести