Аргентина на спектакуларен начин го објави списокот, Меси ќе игра и на шестти Мундијал (Видео)

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, потврди дека Лионел Меси и поголемиот дел од актуелните светски шампиони ќе бидат во составот за Светското првенство, и покрај серијата повреди пред почетокот на ФИФА-терминот.

Меси, кој наскоро ќе наполни 39 години, го предводи списокот од 26 фудбалери што го објави Фудбалскиот сојуз на Аргентина. Во тимот се наоѓаат и 17 играчи кои пред четири години ја освоија светската титула со победата над Франција во Катар.

Во изминатите денови постоеше неизвесност поради здравствените проблеми на неколку репрезентативци, меѓу кои и Меси. Напаѓачот на Интер Мајами има замор на мускулот и истегнување на задната ложа на левата нога, поради што минатата недела не го доигра натпреварот на својот клуб. Од Интер Мајами соопштија дека времето за негово закрепнување ќе зависи од „неговиот клинички и функционален напредок“.

За Меси ова ќе биде шестто Светско првенство, по настапите во Германија 2006, Јужна Африка 2010, Бразил 2014, Русија 2018 и Катар 2022 година.

Скалони во составот ги вклучи и голманот Емилијано Мартинез, кој минатата недела скрши прст на десната рака во финалето на Европската лига, во кое Астон Вила го совлада Фрајбург.

Повик добија и Кристијан Ромеро, кој се опоравува од истегнување на колатералниот лигамент на десното колено, како и бековите Науел Молина и Гонзало Монтиел, кои санираат мускулни повреди.

Аргентина, светски шампион и од 1978 и 1986 година, турнирот го отвора на 16 јуни против Алжир во групата Ј, во која се уште Австрија и Јордан.

- Оглас -

Најнови вести