Пеп Гвардиола наводно им се доверил на блиски луѓе дека во иднина би сакал да ја преземе репрезентацијата на Англија. Оваа информација се појави само неколку дена по неговото заминување од Манчестер сити, клуб со кој за десет години освои дури 17 трофеи, пренесуваат англиските медиуми.
Новинарот Џек Гоган од „Дејли Мејл“, кој долго време го следи Сити, за „Скај Спортс“ изјави:
„Мислам дека повеќе нема да го гледаме во клупскиот фудбал, иако е познат по тоа што знае нагло да го смени мислењето. Пред неколку дена, додека се збогуваше со навивачите во Манчестер, неговата најстара ќерка објави порака на Инстаграм. Не пишуваше само за Сити, туку за фудбалот во минато време, што звучеше како проштално писмо.“
Сепак, според истиот извор, Гвардиола им признал на пријателите дека би сакал еден ден да ја води англиската репрезентација.
Уште претходно се шпекулираше дека Шпанецот сака да се обиде и на репрезентативно ниво, особено во борба за титула светски шампион, откако во клупската кариера освои речиси сè што можеше.
Со Манчестер сити освои шест титули во Премиер лига, од кои четири по ред, додека со Барселона и Баерн Минхен по трипати беше шампион на Шпанија и Германија.
Трофејниот стратег трипати ја освојуваше и Лига на шампиони, но сè уште нема работено како селектор на големо репрезентативно натпреварување.
Доколку навистина е заинтересиран за клупата на Англија, ќе мора да почека, бидејќи актуелниот селектор Томас Тухел во февруари потпиша нов договор кој го врзува со репрезентацијата до Европско првенство 2028.

