Арсенал денеска може да ја освои титулата, а Артета најави: Ќе бидам најголем навивач на Борнмут

Арсенал повеќе од две децении чека да се искачи на шампионскиот пиедестал во Премиер лигата, а сега е само на еден чекор од тоа. Топчиите синоќа со 1:0 славеа на свој терен против Барнли и ја задржаа челната позиција во пресрет на последното коло, кога ќе гостуваат кај Кристал палас.

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, знае дека ова е голема шанса за неговиот тим и не смее да се пропушти.

„Пресреќен сум за победата. Во првото полувреме одигравме одлично, дадовме гол, но, за жал, промашивме неколку чисти шанси. Барнли одигра одличен меч, па затоа мора да бидеме пресреќни, иако победивме само со 1:0, иако знаеме дека тој резултат не е добар за нашето здравје. Ја завршивме работата и сега останува да се подготвиме за дуелот против Кристал палас. Сè е во нашите раце“, рече Артета.

Арсенал моментално има пет бода повеќе од второпласираниот Манчестер сити, кој вечерва гостува кај Борнмут во рамките од претпоследното коло. Доколку се случи Сити да не слави, односно не ги освои трите бода, Арсенал уште вечерва ќе може да има шампионско славење. Артета вели дека ќе биде најголемиот навивач на Борнмут во дуелот против Сити.

„Знаеме што ќе значи за нас ако Борнмут успее да остане непоразен од Манчестер сити. Затоа, на овој меч ќе бидам најголемиот навивач на Борнмут. Да почекаме и да видиме, во Борнмут може да се случи нешто многу убаво за нас“, низ смеа рече Артета.

- Оглас -

Најнови вести