По поразот во финалето на Лигата на шампионите, Арсенал се подготвува за летниот преоден рок, во кој има намера да го засили тимот на најмалку четири позиции, а менаџерот Микел Артета побарал од управата „многу амбициозен“ пристап. Шпанскиот стратег е свесен дека му се потребни засилувања на левото крило, во нападот, на позицијата десен бек, како и дополнителна конкуренција во средниот ред, пишуваат британските медиуми.
Иако приходите на клубот по оваа сезона се проценуваат на околу 890 милиони евра, од кои повеќе од 350 милиони доаѓаат од телевизиските права, во Арсенал се свесни дека ќе мора да продадат дел од играчите за да се одржи финансиската рамнотежа.
Артета се надева дека борбата за титулата во Премиер лигата и успешната европска сезона ќе ги убедат сопствениците Стен и Џош Кронке дека дополнителни вложувања во вистински профили на фудбалери можат да го издигнат клубот на уште повисоко ниво, особено во период кога големите ривали минуваат низ процес на трансформација.
И покрај нивниот придонес за клубот, на излезна врата би можеле да се најдат Габриел Мартинели, Леандро Тросар, Бен Вајт и Габриел Жезус. Последниот бил подготвен да потпише нов договор и да добие британско државјанство, но на заинтересираните клубови им било порачано дека 29-годишниот напаѓач може да замине за сума поголема од 20 милиони евра.
Во фокусот на Барселона е Пјеро Хинкапи, кој остави одличен впечаток во финалето на ЛШ против Пари Сен Жермен. Еквадорскиот дефанзивец би требало трајно да стане играч на Арсенал по трансферот од Баер Леверкузен вреден 52 милиони евра, но Топчиите би можеле брзо да заработат доколку пристигне соодветна понуда. Хинкапи е задоволен во Лондон, но интересот од Барселона може да му донесе подобри финансиски услови.
Арсенал внимателно ја следи ситуацијата околу Виктор Валдепењас, 19-годишен стопер и лев бек на Реал Мадрид. Како потенцијални засилувања се споменуваат и Тино Ливраменто и Сандро Тонали од Њукасл, но двајцата би можеле да го напуштат клубот само за висока отштета.
Високо котира и Морган Роџерс од Астон вила, чија вредност се проценува на 92 милиони евра, како и младиот напаѓач на Борнмут, Ели јуниор Крупи. Иако неговиот клуб инсистира дека треба да остане, висината на евентуалните понуди би можела да ја промени ситуацијата бидејќи за него интерес покажуваат бројни европски гиганти.
Арсенал подолго време го следи Хулијан Алварес од Атлетико Мадрид, но неговата желба е трансфер во Барселона. Шпанскиот клуб бара 140 милиони евра, сума која би можела да биде преголем товар за Барса, додека во заднина ситуацијата внимателно ја следи и Пари Сен Жермен.
Поради тоа се отвора прашањето за иднината на Маркус Рашфорд во Барселона. Англискиот напаѓач сака да продолжи да работи под водство на Ханси Флик, но доколку биде принуден да замине, неговите претставници веруваат дека Арсенал би можел да се вклучи во трката за неговиот потпис, заедно со Челзи, Баерн Минхен, па дури и Реал Мадрид.
Уште едно име на листата на желби е Игор Тијаго од Брентфорд, но и тој трансфер би бил скап и би вклучувал сериозна конкуренција од други клубови.
Трката со ривалите го натерала Арсенал да размислува и за играчот за врска на Вест хем, Матеус Фернандеш, за да не заврши во Манчестер јунајтед. Со клубот од „Олд Трафорд“ водат битка и за 16-годишниот крилен напаѓач на Лестер, Џереми Монга.

