Червар: Пелистер е најракометното име во Македонија, тука ќе ја завршам кариерата

Лино Червар е во Битола, каде што и официјално беше промовиран во нов тренер на Еурофарм Пелистер. Искусниот хрватски стратег по речиси една деценија се враќа да работи во Македонија, најавувајќи дека ова ќе биде негов последен тренерски предизвик во неговата богата кариера.

„Чест ми е да работам во Битола, град со огромна ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крај на мојата кариера. Пред тоа одлучив дека на сè му доаѓа крајот, а тоа е најубаво во градот каде што ракометот е религија. Има луѓе кои сакаат спорт, да го работиш она што го сакаш е најголемата среќа на човекот. Видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам и го прифатив тоа“, рече Червар.

Хрватот многу добро ги знае ракометните случувања во Македонија и знае дека пред него и пред „зелено-белите“ ќе има голем предизвик во следната сезона.

„Поздрав за сите поранешни тренери, играчи кои играле за Еурофарм Пелистер, тоа за мене е најголемото ракометно име во Македонија. Имам тешка задача, конкуренцијата е голема, ама мораме да одиме позитивно. Мора да ги пофалиме конкурентите, Вардар, кој се разбуди и оди со крупни чекори, потоа и Охрид, кој освои европска титула, мора да бидеме пријатели и да соработуваме, ама да има и борба. Ние сме една фамилија, ќе дадеме сè од себе и да ја оправдаме довербата“, додаде новиот тренер на Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести