Барселона е блиску до комплетирање на трансферот на Бернардо Силва, но тренерот Ханси Флик има одредени резерви околу неговото ангажирање. Главната причина е големата конкуренција на позицијата на која настапува португалскиот репрезентативец, пренесува „АС“.
Триесет и едногодишниот плејмејкер е едно од најатрактивните имиња на летниот трансфер-пазар. По девет сезони минати во Манчестер сити, Силва е на чекор од заминување од Англија, а сите индиции укажуваат дека негова следна дестинација ќе биде Шпанија.
Во трката за неговиот потпис останаа два клуба. Барселона подолго време покажува интерес за него и сега презема конкретни чекори за да го доведе како слободен агент. Од друга страна, и Атлетико Мадрид вложува сериозни напори за да го убеди искусниот играч за врска да се пресели на „Метрополитано“.
Според повеќе извори, Бернардо Силва води напредни преговори со двата клуба, но во последните часови се појавија информации дека негов избор е токму Барселона.
Сепак, португалскиот фудбалер не сака дополнително одолговлекување. Негова желба е иднината да му биде решена пред почетокот на Светското првенство, што значи дека конечната одлука треба да биде донесена најдоцна во текот на следната седмица.
Причината е јасна, Бернардо Силва сака целосно да се фокусира на настапот со Португалија и на обидот да ја освои првата светска титула во историјата на својата репрезентација.

