Арсими му даде пет гола на Шкупи и е чекор поблиску до спас

Екипата на Арсими без никакви проблеми славеше со убедливи 5:1 во првиот меч од 29-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија. Со овој триумф Арсими сега стигна до 38 бода и се искачи на петтото место на табелата, пред Башкими, кој има 37 бода и гостува кај Шкендија во ова коло.

Серијата погодоци ја започна Рамадани во 16-тата минута со погодок од пенал, а до крајот на првиот дел погоди и Реџепи за 2:0. На почетокот од второто полувреме Шкупи постигна погодок со кој намали на 2:1 преку Нухија во 49-тата минута.

И покрај погодокот на гостите, јасно беше дека Арсими ќе ги освои трите бода. Домашниот тим заигра многу подобро во последните 20-тина минути, па со головите на Селими во 69-тата минута и двата погодоци на Османи во 74-тата и 78-мата минута стигна до очекуваната убедлива победа.

За Шкупи ова беше 28 пораз сезонава и само со еден освоен бод е најслабиот прволигаш во Европа. Шкупи досега прими 105 погодоци.

Во рамките од 29-тото коло, утре се игра дуелот меѓу Македонија ЃП – Работнички, додека в недела се мечевите меѓу Брера – Пелистер и Вардар – Тиквеш. Во понеделник ќе се комплетира ова коло со средбите меѓу Струга ТЛ – Силекс и Шкендија – Башкими.

- Оглас -

Најнови вести