На пет кола до крајот на првенството во Премиер лигата, екипата на Манчестер сити ја презеде лидерската позиција на табелата. Арсенал повеќе од 200 дена го имаше запоседнато врвот и многумина очекуваа дека Топчиите оваа сезона без многу драма ќе стигнат до титулата, која ја чекаат уште од 2004 година.
Сепак, да не биде така, се погрижи Манчестер сити, кој на својата клупа го има Пеп Гвардиола, кој е махер за освојување шампионски трофеи. Откако дојде во Сити, шпанскиот стратег има освоено шест титули во Премиер лигата. Дури три од тие шест титули Гвардиола ги има освоено со пресврт во финишот на првенството.
Првиот таков потфат беше во сезоната 2018/19, кога Сити надополни седум бода во однос на Ливерпул по 19 кола. Тој тренд за пресврти во финишот на сезоната посебно е впечатлив по доаѓањето на Микел Артета на клупата на Арсенал на 20 декември 2019 година.
„Скај спорт“ изнесе неверојатен податок. Откако Артета е назначен за тренер на Арсенал, Гвардиола го предводел својот тим до четири шампионски титули, иако неговиот тим поминал дури 86 дена помалку како лидер од тоа што била екипата на Артета. Во ертата на Артета, Арсенал како лидер во Премиер лигата бил 539 дена, додека Сити на Гвардиола бил лидер 453 дена. Сепак, Гвардиола во тој период од доаѓањето на Артета во Арсенал досега има четири титули, а Артета нема ниедна.
До крајот на првенството има уште пет кола, Сити и Арсенал имаат еднаков број бодови, имаат иста гол-разлика, но Граѓаните се први поради повеќето постигнати голови.
До крајот на сезоната Сити ќе игра против: Евертон (гости), Брентфорд (дома), Борнмут (гости), Кристал палас (дома), Астон вила (дома).
До крајот на сезоната Арсенал ќе игра против: Њукасл (дома), Фулам (дома), Вест хем (гости), Барнли (дома) и Кристал палас (гости).

