Англискиот премиерлигаш Тотенхем е во многу незавидна позиција затоа што по 33 одиграни кола има освоено само 31 бод и се наоѓа на 18-тото место, што носи испаѓање во понизок ранг. И покрај тоа што е во опасност да испадне, во Тотенхем размислуваат позитивно и веќе почнаа да се подготвуваат за следната сезона во Премиер лигата.
Лондонскиот тим потпиша начелен договор со аргентинскиот репрезентативец Маркос Сенеси. Искусниот 28-годишен централен бек сезонава настапува за тимот на Борнмут, а сега се согласи да му се придружи на лондонскиот клуб како слободен агент налето, откако ќе му истече договорот.
Сепак, трансферот уште не е дефинитивен затоа што клучниот услов е Тотенхем да остане во Премиер лигата. Со други зборови, Сенеси го даде својот збор, но конечната одлука зависи од резултатите на Спарс до крајот на сезоната.
Аргентинецот имаше многу солиден период во Англија, каде што се етаблира како сигурен и солиден дефанзивец. Неговите настапи не останаа незабележани, па Тотенхем го препозна како решение за дефанзивните проблеми што ги мачеа во текот на целата сезона. Клубот бара стабилност во задната линија, а Сенеси, со своето искуство и профил, би можел да го донесе токму она што им недостасува, сигурност и континуитет.
Сега останува Тотенхем во последните пет кола да собере доволно бодови за да избега од зоната за испаѓање, па трансферот на аргентинскиот репрезентативец да се комплетира. Интересно е дека Тотенхем уште го има приматот на актуелен освојувач во Лигата на Европа.

