ПСЖ ја одбрани титулата во Лигата на шампионите откако по изведувањето пенали го совлада Арсенал во финалето одиграно во Будимпешта. По регуларните 90 минути резултатот беше 1:1, а ниту во дополнителните 30 минути немаше голови.
По натпреварот се огласи тренерот на Арсенал, Микел Артета, кој и покрај разочарувањето истакна дека е горд на своите фудбалери.
„Не сме играле финале на Лигата на шампионите 22 години. Треба да ја цениме сезоната што ја имавме. ПСЖ е одличен тим и им честитам. Имаат врвен квалитет во играчкиот кадар и фантастичен тренер. Горд сум на мојата екипа и знам низ што сè помина. Привилегија е да ги водам овие играчи. Ја освоивме Премиер лигата, но не успеавме да стигнеме до најголемиот трофеј“, изјави Артета.
Шпанскиот стратег потоа се осврна и на спорниот момент во продолженијата, кога Нуно Мендеш во шеснаесетникот го собори Нони Мадуеке.
„Многу лесно можевме да добиеме пенал во продолженијата. Ги гледав сите пенали што беа досудени во Лигата на шампионите оваа сезона. Последните три дена ги анализирав за да разберам што е пенал, а што не е. Ова многу лесно можеше да биде пенал“, порача Артета.
И покрај поразот, Арсенал зад себе има историска сезона во која по долги години ја освои титулата во Англија и стигна до финалето на најелитното европско клупско натпреварување, но на крајот остана без европската круна.

