Сан Антонио ја доби драмата против Оклахома и ќе игра во големото финале на НБА лигата (Видео)

Сан Антонио се пласираше во големото финале на НБА лигата откако во седмиот натпревар од финалето на Западната конференција славеше против Оклахома со 111:103 на гостински терен. Со оваа победа Спарс ја освои титулата шампион на Западот и за првпат по 2014 година ќе се бори за шампионскиот прстен.

Херои на триумфот беа Виктор Вембањама и Џулијан Шампани. Француската суперѕвезда го предводеше тимот со 22 поени, додека Шампани постигна 20, од кои дури 18 преку шутеви за три поени. Вкупно седум кошаркари на Сан Антонио натпреварот го завршија со двоцифрен број поени.

Клучниот момент се случи во последната четвртина. При водство на Спарс, Лук Корнет со одлична блокада го запре Ајзеја Хартенштајн под кошот и спречи контранапад со кој Тандер можеше значително да ја намали негативата.

Иако Корнет за само шест минути на паркетот постигна два поени, неговата блокада се покажа како еден од пресудните моменти во натпреварот.

Кај Оклахома повторно блескаше Шеј Гилџис-Александер со 35 поени и девет асистенции, но ниту неговата одлична партија не беше доволна за пресврт и пласман во финалето.

Кејсон Волас додаде 17 поени, а Џеред Мекејн и Алекс Карузо постигнаа по 12. На домашниот тим дополнително му недостигаше повредениот Џејлен Вилијамс.

Со елиминацијата на Тандер стана јасно дека НБА лигата осма сезона по ред ќе добие нов шампион.

Првиот натпревар од големото НБА финале е закажан за четврти јуни, кога Сан Антонио ќе го започне походот кон првата шампионска титула по повеќе од една деценија.

- Оглас -

Најнови вести