Арсенал имаше одлична сезона, но во последните неколку недели ги разочара своите фанови откако остана без трофејот во Лига купот, испадна и од ФА купот и сега му е загрозена челната позиција во Премиер лигата. Сепак, Топчиите уште имаат шанси за трофеј, и тоа во Лигтаа на шампионите, каде што вечерва на свој терен ќе играат против Спортинг Лисабон во реваншот од четвртфиналето.
Англискиот гигант има предност од 1:0 по првиот меч во Португалија и сега е фаворит да се пласира во полуфиналето. Тренерот на лондончани, Микел Артета, потенцира дека Арсенал е клуб кој никогаш не триумфирал во најзначајното натпреварување на УЕФА и дека сега се обидува да испише историја.
„Се обидуваме да стигнеме до титулата во ЛШ, а тоа е многу тешко. Тоа што се обидуваме да го направиме на овој турнир е нешто што во 140-годишната историја на Арсенал никој никогаш не успеал да го направи. За првпат во историјата на клубот, Арсенал три сезони по ред е во четвртфиналето од ЛШ. Сакаме да се пласираме во полуфиналето. Во Премиер лигата сме лидери и се обидуваме по пауза од 22 години да го освоиме трофејот. Ако сакаме да го направиме следниот чекор, секако дека треба да веруваме во нашите квалитети“, вели Артета.
На првиот меч во Лисабон, Арсенал победи со 1:0, и тоа со гол постигнат во последните моменти од средбата.
„Нашата главна задача е да се фокусираме на денешниот меч. Спортинг е многу квалитетен ривал и тоа го покажа на првиот натпревар. Знаеме дека ни претстои уште еден тежок натпревар“, додаде Артета.

