Марко Асенсио, фудбалерот на Реал Мадрид, во интервју за еден шпански медиум изјави дека неговиот „земјак“ од Мајорка, Рафаел Надал, имал големо влијание врз неговата кариера иако Асенсио не го ни познавал лично Надал пред да дојде во Реал. Позната е анегдотата дека мајката на Асенсио на една случајна средба со Флорентино Перес му рекла дека треба да го купи нејзиниот син.
„Мојата мајка беше отворена и секогаш кажуваше што мисли. Еднаш го сретнавме претседателот Перес како се шета на Мајорка и се сликавме со него. Мајка ми му рече дека јас еден ден ќе заиграм за Реал. Таа почина кога имав 15 години, секој ден се сеќавам на неа“, вели Асенсио, кој во кариерата се мачеше и со повреди, од кои најтешката кога ги скина лигаментите во коленото и паузираше околу една година.
Асенсио во Реал дојде во 2016 година, а еден од најпознатите фанови на Кралскиот клуб е тенисерот Рафаел Надал.
„Сум го сретнал Надал во живо уште пред да дојдам во Реал, но се немавме запознаено. Тој ме видел на Мајорка и му рекол на Флорентино дека има дете кое игра добро. Таа препорака ми ја смени кариерата. Му честитав за победата на Ролан Гарос и му испратив порака“, додава Асенсио.