Аталанта победи и ја остави Рома без Лига на шампиони (Видео)

Фудбалерите на Аталанта со убедливи 3:0 го совладаа Торино во последното коло во Серија А и ги разочараа фудбалерите и навивачите на Рома.

Поради триумфот на Аталанта која има и натпревар помалку, сигурно ќе заврши на четвртото место на табелата со што Италија ќе остане со пет претставници во Лигата на шампионите следната сезона.

Аталанта има 69 бода и обезбеден пласман во ЛШ како победник во Лигата на Европа, додека Рома која својот меч против Емполи ќе го игра подоцна, има 63 бода, а условот за Италија да има шест претставници во ЛШ беше Аталанта да заврши како петта. Аталанта со триумфот ја прескокна Болоња (68 бода) која беше четврта на табелата, а доколку во заостанатиот меч со Фиорентина слави, тогаш ќе го прескокне и Јувентус (71 бод) и ќе заврши на третото место.

Аталанта дилемите околу победникот ги реши во првото полувреме по кое имаше водство од 2:0.

Резултатот го отвори Џанлука Скамака во 26-тата минута, а Адемола Лукман во 43-тата минута зголеми на 2:0. Конечниот резултат го постави Марио Пашалиќ од пенал во 70-тата минута.

Наполи не успеа да го совлада Лече, со што тимот од Неапол со реми ја заврши разочарувачката сезона во која не успеа да обезбеди пласман во европските купови иако минатата сезона ја освои титулата.

- Оглас -

Најнови вести