Атланта и Чикаго го одиграа третиот најефикасен меч во историјата (Видео)

Чикаго ја победи Атланта со 168-161 во третиот најефикасен меч во историјата на НБА, а средбата траеше активни 68 минути кошарка, и победникот се одлучи дури по четири продолженија. Повеќе поени од овие 329 имало само во 1983 година кога Детроит по три екстра периоди ги совлада Денвер со 186-184 и во 1982 година кога Сан Антонио го совлада Милвоки со 171-166, истотака по три продолженија.

Дури 15 различни кошаркари играа 30 или повеќе минути, а еден од нив беше 42-годишниот Винс Картер кој на терен мина 44 минути, најмногу за него во последните седум години и веројатно само тој си знае каков замор чувствува во нозете.

А, сè можеше да заврши во регуларниот дел. Чикаго се спаси од пораз со три слободни фрлања на 0,4 секунди до крајот. Потоа, играа уште четири продолженија.

Двата тима поставија клупски рекорди по број на поени на еден меч, вкупно 14 кошаркари имаа двоцифрен број на поени. Во победничкиот тим, Зек Лавин имаше 47 поени. Кај Хокс, дебитантот Тре Јанг играше неверојатни 56 минути, постигна дури 49 поени, зачинети со 16 асистенции. На последните пет меча, Јанг има просек од 34,8 поени и 10,4 асистенции. Само четири дебитанти (Мајкл Џордан, Дејвид Робинсон, Ален Ајверсон и Јанг) во последните 40 години дале 30 или повеќе поени на три меча по ред.

Овие два тима утревечер повторно ќе играат еден против друг.

РЕЗУЛТАТИ: Атланта – Чикаго 161-168, Бруклин – Шарлот 112-123, Бостон – Вашингтон 107-96, Торонто – Портланд 119-117, Феникс –  Њу Орлеанс 116-130, Сакраменто – ЛА клиперс 109-116, ЛА лејкерс – Милвоки 120-131.

Погледнете ги најинтересните моменти од историскиот натпревар:

- Оглас -

Најнови вести