Атлетико им се одлепи на Барса и Реал, спорна прослава на Жоао Феликс (Фото)

Атлетико Мадрид го совлада за нив традиционално незгодниот Вилјареал со 2-0 и се зацврсти на првото место во шпанската лига со пет бода пред Барселона и шест од Реал Мадрид. Атлетико има еден меч помалку од Барса, а со Реал се на исто.

Атлетико поведе со автогол на Педраса, најмногу по заслуга на снаодливоста на Савиќ. Потоа Жолтата подморница можеше да израмни, но Облак имаше одлична одбрана при шансата на Морено. Сите дилеми ги разреши Жоао Феликс со убав гол во 68-мата минута.

За Феликс ова е десетти гол сезонава, а во игра влезе како резерва. Младиот Португалец откако даде гол, свртен кон клупата на Атлетико направи гест со прст на уста, и во шпанските медиуми има дебати кон кого беше упатено барањето да молчи. Ако е порака за Симеоне, веројатно нема убаво да си помине.

Тренерот Унаи Емери остана без лигашка победа против Диего Симеон, и не само тоа, тимовите на Емери шест меча по ред не можат ни да дадат гол против Атлетико со Симеоне на клупата. Симеоне дојде до 308-мата победа во сите натпреварувања како тренер на Атлетико, со што се изедначи со Луис Арагонес. На Чоло му требаа дури 100 меча помалку за да дојде до бројка од 308 победи.

- Оглас -

Најнови вести