Атлетико Мадрид сериозно ја следи ситуацијата околу напаѓачот на Барселона, Феран Торес, пренесуваат шпанските медиуми.
Шпанскиот репрезентативец веќе подолг период е високо ценет во раководството на клубот од Мадрид, а особено голем почитувач на неговите квалитети е спортскиот директор Матеу Алемани. Токму Алемани имаше важна улога во трансферот на Торес во Барселона додека беше дел од управата на каталонскиот гигант.
Во моментов нема конкретни преговори меѓу двата клуба, но мадриѓани внимателно ја следат состојбата и не ја исклучуваат можноста да тргнат по неговиот потпис.
Според информациите, тренерот Диего Симеоне гледа во Феран Торес идеален профил за својот систем на игра, пред сѐ поради неговата разновидност и големата работна етика.
Феран може да игра на сите офанзивни позиции, како централен напаѓач, така и по крилните позиции, а дополнително се издвојува со агресивен пресинг, подвижност и дисциплина во дефанзивните задачи, карактеристики кои Симеоне традиционално ги бара од своите офанзивци.
Иако не е секогаш стандарден стартер во тимот на Барселона, Торес има солидна сезона зад себе со 21 погодок и две асистенции во сите натпреварувања.

