Чаби Алонсо се враќа на тренерската работа и од лето ќе стане нов менаџер на Челзи. По кратката и неуспешна епизода во Реал Мадрид, шпанскиот стратег повторно добива голем ангажман. Англиските медиуми пренесуваат дека преговорите меѓу Челзи и 44-годишниот тренер се во завршна фаза и се очекува сè да биде официјализирано по денешното финале на ФА Куп против Манчестер Сити.
Клубот од „Стемфорд Бриџ“ сака што побрзо да ја затвори зделката за да почне со планирање на новата сезона, а според најавите, Алонсо би можел уште денес официјално да биде претставен.
Алонсо во Лондон пристигнува по разочарувачкиот период во Реал, каде беше сменет по само седум месеци, но токму тоа би можело дополнително да го мотивира да ги покаже квалитетите што претходно ги демонстрираше на клупата на Баер Леверкузен.
Во Челзи веруваат дека неговото доаѓање може да означи почеток на нова ера по турбулентните години исполнети со промени на сопственици, чести тренерски смени и скапи, но неуспешни трансфери.
Шпанскиот тренер е познат по јасниот тактички стил, дисциплината во средниот ред и брзата транзиција, нешто што во Челси сакаат повторно да го видат по периодот на нестабилни настапи.
Сепак, пред Алонсо ќе има сериозна задача. Од него се очекува веднаш да донесе резултати, но и да изгради долгорочен проект. Навивачите бараат континуитет и тим кој повторно ќе се бори за врвот во Премиер лигата и европските трофеи.
Дополнително, Алонсо треба да има важна улога и во летниот преоден рок, бидејќи Челзи има преголем број играчи и проблем со балансот во составот. Според информациите од Англија, тој ќе учествува во изборот на засилувања и во филтрирањето на актуелниот кадар.
Доколку договорот биде потврден по финалето на ФА Купот, Алонсо ќе започне една од најтешките етапи во својата тренерска кариера, на стадион каде трпението на навивачите и медиумскиот притисок се секогаш огромни.

