Слот: „Не стравувам за мојата иднина, знам дека навивачите се загрижени“

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави дека не чувствува дополнителен притисок по поразот од 2:4 против Астон Вила во Премиер лигата, иако резултатот сериозно го доведе во прашање местото на тимот во Лигата на шампионите следната сезона.

По поразот, Ливерпул падна на петтото место на табелата и сега се соочува со опасност да биде престигнат и од Брајтон, што би значело останување без настап во елитното европско натпреварување.

Позицијата на Слот е под лупа во последните недели, иако пред мечот со Астон Вила тој истакна дека веќе ја планира следната сезона заедно со сопствениците на клубот.

„Не станува збор за мене, туку за тоа што сме разочарани од резултатот“, изјави Слот.

„Вчера зборував за иднината и тоа е доволно. Сега сме фокусирани на натпреварот со Брентфорд следниот викенд и ќе се обидеме повторно да ја добиеме поддршката од навивачите со агресивен и добар почеток на натпреварот. Комбинацијата од поддршката на фановите и добрите настапи ќе нè одведе до целта, а тоа е пласман во Лигата на шампионите“, порача тренерот.

Астон Вила постигна четири гола и создаде уште неколку сериозни шанси, а Слот призна дека дефанзивните проблеми се присутни подолго време.

„Примивме многу голови оваа сезона, што е тешко да се поверува освен ако не го доживеете. Токму тоа ни се случи денес. Астон Вила беше подобар тим. Не станува збор за мене или колку сум разочаран. Разочарувањето е за сите – играчите, стручниот штаб и особено навивачите. Во фудбалот можеш да се лизнеш, но ова е навистина жално. Знаеме што треба да направиме следната недела“, изјави Арне Слот.

- Оглас -

Најнови вести