Австријците имаат проблем со повреди на клучни играчи, Фода утре ќе објави список со 29-мина репрезентативци

Франко Фода, селекторот на Австрија, утре во 13.30 часот на прес-конференција ќе го објави поширокиот список на репрезентацијата што ќе ѝ биде прв противник на Македонија на Европското првенство.

Поради неочекувани проблеми со повреди на тројца репрезентативци, што австриските медиуми го означија како клучни, Фода ќе повика дури 29-мина фудбалери.

УЕФА дозволи на ЕП да патуваат 26-мина играчи на секоја репрезентација, а Фода има голема мака бидејќи поради повреди, неизвесен е настпот на Марко Арнаутовиќ, Јулијан Баумгартлингер и на Криштоф Баумгартнер.

Арнаутовиќ ни даде два гола во Скопје во јуни пред две години, кога Австрија нè разби со 4:1, а 32-годишниот напаѓач покажа дека е офанзивец од светска класа.

Баумгартнер има само 21 година и е голем талент на австрискиот фудбал. За играчот на Хофенхајм заинтересиран е и Манчестер јунајтед, а и тој има играно против Македонија, но за селекцијата на Австрија до 21 година, која не победи со 4:0.

Баумгартлингер игра за Баер Леверкузен и е капитен на Австрија, па јасно е дека Фода има многу проблеми пред дуелот со Македонија на 13 јуни во Букурешт со почеток од 18 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести