Ирачкиот напаѓач Ајмен Хусеин бил задржан и испрашуван речиси седум часа на аеродромот „О’Хара“ во Чикаго по пристигнувањето со репрезентацијата на Светското првенство.
Според информации од ирачки спортски функционер близок до националниот тим, на Хусеин му бил детално прегледан мобилниот телефон, по што следувало повеќечасовно испрашување. На крајот, 30-годишниот напаѓач добил дозвола за влез во Соединетите Американски Држави.
Засега ниту Ирачката фудбалска федерација, ниту самиот Хусеин не се огласиле по повод инцидентот. Американските имиграциски служби исто така не дадоа официјално објаснување.
Сепак, ситуацијата не завршила добро за фотографот на репрезентацијата, Талал Салах. Тој бил задржан повеќе од десет часа, а по проверката на неговиот телефон му бил одбиен влез во земјата и нема да може да биде дел од ирачката експедиција на турнирот.
И покрај непријатностите, пристигнувањето на репрезентацијата предизвика големо воодушевување кај навивачите, кои во раните утрински часови се собраа на аеродромот за да ги поздрават своите миленици.
Ирак се враќа на Светско првенство за првпат по 40 години, а големи надежи се полагаат токму во Ајмен Хусеин, човекот чиј гол го однесе националниот тим на Мундијалот.
Покрај него, во нападот на Ирак се и Али Ал-Хамади, Али Џасим и Јусуф Амин. Ирачаните ќе настапат во групата И, каде ќе играат против Франција, Сенегал и Норвешка.
Светското првенство, кое заеднички го организираат САД, Канада и Мексико, започнува следната недела.

