Поранешниот селектор на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси, доживеал непријатна ситуација кога група навивачи на Црвена звезда го принудиле да го напушти кафулето на стадионот „Рајко Митиќ“.
Стојковиќ пристигнал во локалот за да се сретне со поранешниот голман на клубот и сопственик на кафулето, Стеван Стојановиќ. Иако Стојановиќ се обидел да ја смири ситуацијата, Пикси решил да си замине за да избегне поголем инцидент.
Ова не е првпат легендата на српскиот фудбал да се соочи со ваков третман од најжестоките навивачи на Црвена звезда. Сличен инцидент се случил и во 2012 година, кога исто така бил оттурнат од истото место.
Корените на конфликтот датираат од периодот кога Стојковиќ беше претседател на клубот од 2005 до 2007 година. Дел од навивачите му замеруваат дека за време на неговиот мандат долгот на клубот значително се зголемил, а дополнителни несогласувања создале и одредени одлуки донесени во тој период.
Дека односите меѓу Пикси и навивачката група „Делии“ останале нарушени и години подоцна, потврди и транспарентот што беше истакнат во 2022 година, со кој навивачите порачаа дека тој никогаш не ја имал нивната поддршка.
Стојковиќ беше селектор на Србија од 2021 до 2025 година и ја одведе репрезентацијата на големи натпреварувања, но очигледно конфликтот со дел од навивачите на неговиот матичен клуб сè уште не е надминат.

