Аѕурите го бодрат Донарума: Да не заборавиме што стори Џиџо за Италија (Видео)

Роберто Манчини имал долг разговор со стандардниот голман на Италија, Џиџо Донарума, за да го охрабри по големиот кикс што тој го направи на реванш-мечот меѓу Реал Мадрид и ПСЖ, што ги чинеше парижаните елиминација во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Донарума му подари гол на Карим Бензема во 60-тата минута и тука тргна големиот пресврт за Реал Мадрид, кој потоа со уште два гола и со победа од 3:1 ја анулира негативата од 0:1 од Париз и го елиминира ПСЖ.

Донарума и претходно имаше непријатни моментни кога бранеше за Италија во Милано, а го исвиркуваа навивачите на Милан, кои го сметаат за предавник откако без отштета го напушти клубот и замина во ПСЖ.

Сепак, популарниот Џиџо бранеше импресивно на ЕП минатото лето и е еден од најзаслужните за европската круна на Аѕурите.

„Кога ќе пристигнете во базата во Коверчано, сите проблеми ги заборавате. Клупските моменти, пријатни или непријатни ги оставате зад себе. Да не заборавиме што направи Донарума за Италија на Европското првенство. Од сите нас има огромна поддршка бидејќи е одличен голман и човек. Веруваме во него и на дуелот против Македонија очекуваме да брани како што умее“, изјави Верати.

Донарума сигурно ќе биде на голот на Италија од првата минута задутре во Палермо против Македонија, на првиот бараж-меч од двата, колку што се предвидени на 24 и на 29 март за настап на Мундијалот во Катар.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести