Аѕурите се изживуваа со Ерменија за „10 од 10“, Романците видоа што значи Црвена фурија

Италија на фантастичен начин го прослави пласманот на ЕП 2020 и урнатиот рекорд кој стоеше цели 80 години. Аѕурите буквално ја потопија Ерменија со 9-1 во Палермо, па избраниците на Роберто Манчини дојдоа и до 10-тата победа во квалификациите на исто толку натпревари.

Неверојатната голеада започна од Имобиле во осмата минута, а веќе во следниот напад Италија имаше 2-0 преку Заниоло. Барела и повторно Имобиле ја тресеа мрежата на прежалените гости во првиот дел, но четирикраниот светски првак не застана таму. Уште еднаш Заниоло погоди за 5-0 во 64-тата минута, а во листата стрелци се запишаа и Ромањоли, Жоржињо, Орсолини и Кјеза до 81-вата минута. Само неколку моменти пред деветтиот гол на Италија, Ерменците го постигнаа почесниот погодок преку Бабајан.

Италија со максимални 30 бода ја освои групата Ј, а по нив и Финска ќе игра на ЕП иако вечерва загуби од Грција со 2-1.

Шпанија прелесно ја совлада Романија со 5-0 во мечот кој се одигра на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид. Црвената фурија уште во првите 45 минути ги реши сите дилеми постигнувајќи ги сите четири погодоци за незначајната, но сепак слатка победа.

Руис отвори во осмата минута, Морено за десетина минути двапати се запиша во листата стрелци, па автоголот на Рус во 45-тата минута тотално ги оневозможи Романците. Ојарзабал во финишот од мечот се погрижи публиката да не заспие и ги постави конечните 5-0.

Шпанците од порано го осигурија пласманот на континенталниот собир. Тие се први со 26 бода во групата Ф, а заедно со нив и Шведска како второпласирана ќе игра на ЕП откако го потврди второто место со триумфот од 3-0 против Фарските Острови.

Швајцарија направи подвиг до првото место во групата Д со убедливите 6-1 на гостувањето кај Гибралтар. На Швајцарците им помогна и тоа што Данска ремизираше со Ирска при конечни 1-1 за да дојдат до првата позиција во групата, а заедно со Данците ќе играат на финалниот турнир.

Резултати ЕП 2020 квалификации, 10-то коло:

Лихтенштајн – Босна и Херцеговина 0-3, Малта – Норвешка 1-2, Шведска – Фарски Острови 3-0, Италија – Ерменија 9-1, Шпанија 5-0 Романија, Ирска – Данска 1-1, Грција – Финска 2-1, Гибралтар – Швајцарија 1-6.

 

- Оглас -

Најнови вести